Откако го напишав оној чуден психолошки пост во категоријата “филозофија”, ме фасцинира приказната на Трале, Петко и Светлан. Решив да им посветам малку повеќе внимание.
Трале е најурамнотежената личност од тројцата, што не кажува баш многу. Проблемот со Трале е што си противречи самиот на себе. Свесен е дека урамнотеженоста му е најголем адут, па не сака да превзема претерано драстични мерки. Од друга страна, Трале е идеалист, па некако го јаде тоа што ради неговото недрастичнимеркипревземање светот не е како што треба да биде. Потребен му е некој што може да го направи тоа што е потребно, а самиот Трале во меѓувреме да врши улога на објективен набљудувач. Кога би ограбувале банка, Трале би бил тој што го планира грабежот.
Петко знае да биде незгоден лик. Кога би ограбувале банка, Петко би бил оној едниот психопат во екипата што секогаш повеќе се интересира за насилство отколку за задачата. За разлика од Трале, тој го има тоа што е потребно за да се заврши работата, и најверојатно ќе ја заврши работата. Единственото прашање е дали тоа ќе предизвика еден куп колатерална штета, и дали притоа таванот ќе падне врз него, или врз сите тројца наши ликови. Може да се каже дека Петко го дели идеализмот на Трале, но ги нема оние безбедносни механизми што го прават Трале релативно безопасен. А Трале е само безопасен додека не е Петко со него.
За разлика од овие двајца, Светлан не е оптоварен со идеализам. Светлан има се што му е потребно и не сака да се замара со проблемите на светот ниту на реагира на надворешни провокации. Во основа, Светлан е џокер за излегување од било која ситуација, и ако нејќеш да се замараш со постигнување на некакви банални самоуништувачки цели како ограбување банки, ни ти ни требаат другите. Од овој аспект, Светлан изгледа совршено, но финтата е дека тешко е да се дојде до него. Треба да запалиш три свеќи со мирис на мамут врз тиркизен пентаграм во 22:13 на седум осмини полна месечина, и можеби ќе се појави, ако имаш среќа. Не е дека свеќите и пентиќот прават нешто – појавувањето на Светлан е чиста космичка случајност – ама добро е да се занимаваш со нешто.
Ако Светлан е толку незгоден лик, тогаш зошто другиве двајца го дружат за ограбување банка? Најверојатно бидејќи се свесни дека нема да успеат да избегаат, но знаат и дека секогаш постои онаа минимална, еден во пет милиони шанса Свеле да реши да се материјализира пред банката со запалена кола. А ако се случи тоа, најверојатно се на чисто.
Најверојатно.





Последни коментари