Правев муабет со сестра ми околу мојата идеја за басистички научнофантастичен филм, и ми текна идеалното продолжение. Сега, јасно ми е дека не е воопшто кул веднаш после пишување на пост да го напишеш и продолжението на постот, и дека треба да има неколку постови измеѓу, со цел редовните читатели и уште поредовните читателки да се почувствуваат наградено кога ќе се сетат на пост од пред месец дена, но Розов зајак е исклучиво некул појава. И плус, ќе го заборавам постов за месец дена.
Значи, продолжението е засновано на сосема друг басистички концепт и не мора да има некоја цврста врска со ликовите од претходниот филм. Тука се открива дека басистите се всушност вонземјани кои сакаат да го освојат светот. Додека концептот на претходниот филм беше слајтли забеган (иако басистите би рекле дека освен регистрацијата и куполите, остатокот е прилично точен приказ на басистичкиот живот… хмм… се прашувам колку филмски критичари се басисти…), овој е прилично реален. На прв поглед, сигурно мислите дека ми паднале праговите, но размислете малку. Басистите дошле на планетава пред икс години, прилично биолошки слични и компатибилни со луѓето, со таа разлика што имаат басисит во крвта.
Сега, морам да спомнам дека е крајно чудно што има само басисти но не и басистки. Но може така се распоредени работите на нивната планета, може мажите да се воениот дел од расата, а жените да ја контролираат економијата или така нешто. Можеби басистките реагираат позитивно на басисит, па кога ќе видат небасист реагираат на него исто како тукашните жени што реагираат на басисти. А можеби и реагираат исто како и небасистките, што би објаснило зошто ги испратиле сите мажи да освојуваат друга планета.
Како и да е, басистите наскоро ја сфаќаат предноста што ја имаат на биолошко ниво, и почнуваат да манипулираат со општеството со цел да ја зголемат неговата опседнатост со секс. На почетокот ова оди поприлично бавно, но како што се зголемува опседнатоста, станува се полесно и полесно, бидејќи басистите немаат секс, а во општество опседнато со секс тоа делува како недостаток, а недостатоците прават луѓето да те потценуваат, а што повеќе те потценуваат толку помалку те натценуваат… не. Кај бев? А, да. Што повеќе те потценуваат толку е полесно да манипулираш неприметно. А басистите можат да манипулираат неприметно додека небасистите не станат толку зафатени со секс што басистите ќе останат единствените луѓе на планетава што можат да завршат нешто.
Секако, за да се задржи атмосферата од претходниот филм, главните ликови во овој филм ќе бидат небасистите. Може тоа да биде одредена група младичи која сфаќа што всушност се случува и пола филм пробува да ги убеди светските власти. Нормално, кога ќе успеат да ги убедат никој нема да знае што ќе прави, а кога ќе се соберат податоците од целиот свет ќе испадне дека ситуацијата е многу полоша отколку што се мислело.
Додека владите кризираат, нашите главни ликови смислуваат план како да ја задржиме планетата. Затворени во лабораторија, низ монтажа бараат нешто што би можело да ги поништи ефектите од басиситот. Одеднаш, на еден од нив му текнува: тоа што го бараат (обично) го нема во лабораторија. Возбудено им го кажува планот на другите, кои се согласуваат дека треба веднаш да се свика состанок на светските водачи. Очајни, светските водачи се согласуваат да ги ислушаат младичите, кои им препорачуваат на басистите да им испратат еден куп жени да имаат секс со нив. Така ќе ја изгубат предноста, а, ако се развие и долгогодишна стратегија може да дојде и до контранапад и ова да прерасне во метод да се контролираат басистите.
Жените викаат да не се заебаваме и едноставно да ја разнесеме планетава со нуклеарки.



Последниот параграф е закон, устав, физички закон, божја заповед…
Целиот пост беше само ради него, уствари.